Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев не разбира што подразбираат под компромис тие што го бараат тоа во односите меѓу Бугарија и Македонија, посебно во поглед на историските несогласувања.
„Што означува компромис? Секогаш сум се чудел на оваа идеја, кога зборуваме за оваа тема. Што значи компромис? Да кажеме, на пример, дека Гоце Делчев бил полубугарин или полузборувал и полупишувал на бугарски јазик – да направиме некаков компромис. За оваа тема јас не гледам каков компромис очекуваат да направи Бугарија. Не е можен никаков компромис во однос на историските факти и таа мултиперспективност за која тврдат претставниците на Скопје во академската комисија дека можело да биде во две различни паралелни реалности, да има различни перспективи. Не ја прифаќам, таа е ненаучна, таа е некаква фантастична теорија, која не може да биде прифатена и не гледам каков компромис може да се направи со основните европски вредности, како што е почитувањето на човековите права и недискриминацијата на луѓето што отворено ја искажуваат својата етничка припадност, го знаат своето историско потекло. Тие не треба да бидат подложувани на навреди, репресии, не треба да има говор на омраза. Младите европски поколенија не треба да добиваат образование што е наследство од комунистичката диктатура и врз основа на тоа образование да го мразат својот сосед. Тоа е идејата на Европа – да не се мразиме, да не зборуваме, да не ги учиме младите луѓе на лажна интерпретација на историјата“, одговори шефот на бугарската делегација и заменик-претседател на Европската народна партија во Европскиот парламент на прашањето од бугарската новинска агенција и радио Фокус „можен ли е компромис со Скопје?“.





