Проширувањето на Европската унија со Македонија и со Албанија не се најде во заклучоците на специјалниот состанок на Европскиот совет (ЕУКО) на 24 и 25 мај во Брисел, а во нив се најде место за африканската држава Мали?!



„Европскиот совет се поврзува со декларацијата на EКОВАС и на Африканската унија и најостро го осудува киднапирањето на претседателот на преодниот период во Мали и на премиерот и повикува на нивно итно ослободување. Европската унија е подготвена да разгледа насочени мерки против политичките и воени водачи кои ја попречуваат транзицијата на Мали“.

Според официјалните заклучоци, теми на највисокото тело на ЕУ, составено од шефовите на држави или влади на земјите-членки, претседателот на Европскиот совет и претседателот на Европската комисија, а на чии состаноци учествува и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика, биле и Ковид-19, климатските промени, Белорусија, Русија, Велика Британија и Блискиот Исток.

„Отсуството на проширувањето, со сета почит кон итните работи, како што се односите со Минск, навистина не навестува ништо добро. Со оглед на непопустливоста во Софија и неподготвеноста во Скопје да се наведне уште повеќе пред националистичките соседи отколку што веќе стори, ние сме заглавени. Исто и Тирана“, коментира на Твитер холандскиот експерт за Западен Балкан, Ханс ван ден Берг.

А токму на претстојната средба на Европскиот совет на 24 и 25 јуни, и Македонија, и Албанија, полагаат надежи за конечно отворање преговори за пристапување кон ЕУ.