МЕПСО бара двојно зголемување на својот дел во цената на струјата

Од МЕПСО побарале двојно зголемување на цената на преностот на електрична енергија, како што велат, реализација на инвестиции. Иако ланската година ја завршија со речиси шест милиони евра загуба, од МЕПСО тврдат дека загубите не се поради лош менаџмент, туку поради намалување на меѓуграничните капацитети како и на новите правила за балансирање.



„Побаравме зголемување на цената. Но, кога ќе видиме дека уделот на МЕПСО во сметка платена од крајни клиенти е некаде околу 3,5 проценти, односно во една сметка од 1.000 денари за МЕПСО плаќаат само 35 денари. Сите приходи од сметките во однос на преносот се инвестираат на вистинското место затоа што имаме далекуводи кои се од 50-тите и 60-тите години и треба да се модернизираат. Побаравме скоро двојно зголемување. Ако тие досега на сметка од 1.000 денари плаќаат 35 денари, ние побаравме сега да платат по 60-70 денари“,вели генералниот директор на АД „МЕПСО“, Куштрим Рамадани.

Истовремено, зголемување на цената, но минимално, најавија од ЕСМ најави генералниот директор Васко Ковачевски.