Софија за Македонија се жали и на земји што не се во ЕУ

Премиерот на Бугарија, Стефан Јанев, на 21 мај се состанал со британскиот амбасадор во Софија Роб Диксон.



Во разговорот беше нотирано многу добро ниво на билатерални односи а Јанев се пофалил со одржувањето на активен политички дијалог со Велика Британија, која е важен партнер во Европа и сојузник во НАТО, пишува бугарскиот портал новините.бг

За време на состанокот меѓу премиерот Јанев и амбасадорот Диксон беше потенцирана потребата од продлабочување на билатералните односи на нов начин по излегувањето на Велика Британија од ЕУ, вклучително и за надворешната политика, одбраната, безбедноста и економијата.

“За време на разговорот се дискутираше и за темата европска перспектива на Република Македонија. Привремениот премиер Стефан Јанев ја искористи можноста категорично и детално да го каже бугарскиот став за ова прашање во контекст на потребата нашите евроатлантски партнери да имаат јасно разбирање за бугарскиот национален интерес”, пишува порталот.

Бугарија не дозволува влез во ЕУ на Македонија повикувајќи се на непочитување на добрососедските односи и неспроведување на договорот за добрососедство.