Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, ги поддржа изјавите на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој го критикува односот на Бугарија кон нејзиниот западен сосед.
„Во врска со најновата изјава на претседателот Милановиќ за Македонија: Браво претседателе, така зборува вистински државник!“, напиша Калоѓера на Фејсбук.
Пријателот на Македонија застана зад шефот на хрватската држава и во врска со неговите изјави по самитот „Брдо-Бриони“, кога првпат ја осуди официјална Софија за уцената на евроатлантскиот пат Скопје.
„Како бивш почесен конзул на Република Македонија во Република Хрватска со поприличен стаж, во потполност ја поддржувам изјавата на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, која ја даде во Брдо кај Крањ. Неспорно е дека претседателот на државата има многу подобри информации за Македонија и за нејзиниот однос со ‘неименуваниот’ сосед (но сите знаеме за кој станува збор) отколку хрватското Министерство за надворешни работи. Се разбира дека Милановиќ врз основа на своите овластувања тука не може да направи многу, но битно е дека на човекот му е јасно за што станува збор“, прокоментира тогаш Калоѓера.






