Стоилковиќ: Македонија е далеку од датум за преговори со ЕУ колку и од Сонцето

Пратеникот Иван Стоилковиќ го осуди протерувањето руски дипломат од Скопје, оценувајќи дека со таквото додворување на Европската унија, како што го нарече, нема да добие ништо, најмалку датум за преговори.



„Македонија е далеку од добивањето датум за преговори колку што е далеку и од Сонцето, бидејќи за тоа не постојат предуслови. Причините се познати, како што се предизборната кампања во Бугарија и тамошната привремена влада, па таму нема кој да одговори на барањата на кој било, ни надвор ни на внатрешен план. Во таа смисла, сето ова е една претстава, пред сè за македонската јавност, бидејќи за неколку месеци нè очекуваат локални избори, а можни се и вонредни парламентарни избори, така што веќе сега ‘се билдаат мускули’. Тие избори, во секој случај, ќе бидат борба ‘на живот и смрт’ кога е во прашање оваа влада, односно Зоран Заев“, изјави за „Спутник“ лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија.

Според него, Македонија не треба да очекува награда од Брисел за протерувањето руски дипломат во вид на почеток на преговори.

„Очекувам уште една голема награда од нив, а тоа е едно големо – ништо. Меѓутоа, не сум далеку од тоа да верувам дека полека, но сигурно се губи чувството за некои елементарни односи во меѓународно-политичките односи, бидејќи од една страна ја имате Македонија, која кубури со вакцини и која од Русија бара вакцини кои ги добива на прво барање, на најдобар можен начин, а наскоро стигнува уште една испорака на вакцини, додека од друга страна покажува мускули на оној што ѝ помага. Тоа не само што е непринципиелно, туку е однесување што не ѝ доликува на една сериозна држава и сериозна дипломатија. Последиците од сето тоа ќе се видат во наредниот период“, смета Стоилковиќ.