Двајца од лидерите на движењето “За заедничка Македонија” Богдан Илиевски и Борис Дамивски денеска на прес конференција ја откриваат целата вистина за настаните од 27 април.
“Откривањето на вистината за случувањата на 27-ми април никогаш не може да биде целосно и комплетно, без откривање на случувањата во текот на целиот 27-ми април 2017-та, а не само по отворањето на вратите на Собранието на Република Македонија.
На 17-ти мај 2017 поднесовме претставка пред Уставниот суд за преиспитување на уставноста на изборот на Претседател на Собранието на Република Македонија. Денес започнува петтата година во која оваа претставка фаќа слоеви прашина во нечија фиока. Битката за правна држава е очигледно саботирана од оние кои се најповикани да ја обезбедат правната држава и да го штитат Уставот.
Во овие четири изминати години се изнаслушавме повици за брзи судења на обвинетите за непостоечко терористичко загрозување на Уставниот поредок. Тоа и се случи, процесите и казните беа експресни, драконски и „политички корисни“ за одредени центри на моќ и нивните агенди. Но, не чувме ниту еднаш повик од властите Уставниот суд да ја сработи работата поради која постои и да провери дали Уставот и законите беа прекршени 30-тина пати со изборот на претседател на Собранието на 27-ми април.
За овие 4 години во кои нашата претставка е добро сокриена по фиоките на уставниот суд, децата кои имале 2 години на денот кога ја поднесовме, оваа есен ќе тргнат во второ одделение, Британија излезе од ЕУ, ИСИС беше уништен, во Америка имаше два импичменти, планетата влезе и излезе од карантин, Вардар двапати ја освојуваше Лигата на шампиони во ракомет, Папата ја посети Македонија, НАСА и Кина испратија ровери на Марс, а ние добивме 5 лажни датуми за почеток на преговори. Планетата Земја четири пати го обиколи Сонцето”, изјави Илиевски.
Видеото во продолжение






