Во обид да ја прикаже ситуацијата на Македонија и Албанија во однос на ЕУ албанскиот премиер Еди Рама употребува светско ремек дело кое е најдобар пример на таканаречениот театар на апсурдот.
“Зошто толку често размислувам деновиве за ремек-делото на Семјуел Бекет додека ги следев изјавите за Албанија и Македонија?
(Секоја сличност со вистински настани или лица, живи или мртви, е чисто случајна, се разбира)”, пишува Рама во порака која е наменета за Европската Унија и за чекањето на Македонија и Албанија да започнат преговори со ЕУ.
Во еден од дијалозите на култното дело “Чекајќи го Годо” еден од двајцата глави ликови предлага тие веднаш да се обесат.
Рама не прецизира на кој дел од делото мисли и дали двата лика се тој и премиерот Заев но со цитирањето на ова дело неговата порака е јасна.
Why I think so often nowdays about Samuel Beckett's masterpiece while following statements on Albania and North Macedonia?
(Any resemblance to real events or persons, living or dead, is purely coincidental of course) #FutureofEurope pic.twitter.com/wTFgWDvzLN— Edi Rama (@ediramaal) May 11, 2021
Повеќе за делото „Чекајќи го Годо“ на
Семјуел Бекет од сајтот
https://makedonskijazik.mk/2011/11/%D1%87%D0%B5%D0%BA%D0%B0%D1%98%D1%9C%D0%B8-%D0%B3%D0%BE-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%BE-%D0%B1%D0%B5%D0%BA%D0%B5%D1%82.html
Бекет ги напишал романите: „Марфи“, „Молоа“, „Малон умира“, „Неименливото“; драмите: „Чекајќи го Годо“, „Крај на игра“, „Среќни денови“, „Игра“; и апстрактни, многу кратки драмски акти: „Појди – дојди“ (со 121 збор) и „Чин без зборови“ (нема зборови).
Бекет е добитник е на Нобеловата награда за литература во 1969 година.
Карактеристики на драмата „Чекајќи го Годо“
„Чекајќи го Годо“ е антидрама (театар на апсурдот), која претставува празнина, чекање како празно дејство. Во неа има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо – само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.
Ако животот на Мерсо од „Странецот“ на Ками е бесмислен и апсурден, тогаш животот и ликовите во оваа драма се супербесмислени и суперапсурдни.
Темата на драмата е содржана во насловот, чекањето на двата главни лика (Естрагон и Владимир) на Годо, кој им ветува работа и подобар живот.
Идејата е во бесмислата на животот која сепак е поткрепена со надеж за подобра иднина и пронаоѓање на смислата. Надеж, дека утре ќе биде подобро, дека утре можеби ќе дојде Годо.
Во оваа драма сè е релативно. Времето, местото, па и ликовите. Времето е денес, утре и вчера, а можеби и не е. Самите ликови не знаат дали чекале вчера или некогаш порано, а и утре можеби ќе чекаат, ако стигнат на време. Местото е покрај некое дрво, кое можеби е грмушка. Апсурдот на релативизирањето оди до таму што не е сигурно дали е тоа вистинското место каде што се договориле да се чекаат и дали и вчера биле тука или првпат доаѓаат.
Драмата е трагикомедија во два чина, во кои дејството речиси се повторува.
Содржина на драмата „Чекајќи го Годо“
На селски пат, покрај едно дрво, навечер, Естрагон седи на една тумба и се обидува да го собуе чевелот. Веќе изморен од напорот што го вложува, кога доаѓа Владимир, тој вели:
Естрагон: Не сака, па Господ!
Во оригиналниот текст, репликата е: “Nothing to be done“, што содржи повеќе значења: не може да го собуе чевелот, но и: нема што да се прави, не може ништо да се направи (измени), како и: здодевно е. Оваа реплика се повторува и неколкупати подоцна во текстот како лајтмотив.
Владимир одговара сфаќајќи го ова на повисоко ниво, а не конкретно на чевелот:
Владимир: Почнувам да го сфаќам тоа гледиште. Целиот живот се обидував да се ослободам од него, велејќи си: Владимир, биди разумен, уште немаш испробано сè. И ја продолжував борбата.
Разговорот продолжува, мило им е што повторно се гледаат, Естрагон кажува дека преноќил во ров, дека повторно го малтретирале и сака Владимир да му помогне да го собуе чевелот. Тој му вели дека треба секој ден да ги собува чевлите за да не го болат нозете. Нивниот разговор е обичен, скокаат од тема на тема и да се раскажува сето она што го зборуваат е бесмислено.
Всушност, содржината на драмата е следната: двајца скитници, Естрагон и Владимир, го скратуваат времето со разговор додека го чекаат Годо. По патот поминуваат Поцо и Среќко (Лаки), малку се задржуваат со нив, па продолжуваат понатаму. На крајот доаѓа Момчето, гласникот на Годо, кој им кажува дека тој сигурно ќе дојде утре.
Во вториот чин, Естрагон и Владимир повторно се наоѓаат на истото место, повторно си го скратуваат времето со разговори, повторно доаѓаат Поцо и Среќко (во малку поинакво издание) и на крајот повторно доаѓа Момчето со истата порака. Соджински, тоа е сè.
Во драмата комични се ликовите, кои личат на кловнови, носат шапки – полуцилиндри и понекогаш со нив играат, меѓу себе се викаат Диди и Гого, комични се и некои дијалози кои граничат со бесмислата, но на крајот сепак се добива трагичен впечаток. Тие го чекаат Годо од кого нешто очекуваат, а не знаат ни што е тоа, ни дали ќе се случи. Всушност Естрагон ништо не знае за него, ниту за некаков договор со него, а Владимир не само што не е сигурен дека името му е Годо, туку не го ни познава, бидејќи кога доаѓа Поцо, дури откако ќе си го каже името тој сфаќа дека тоа не е Годо. Тие не се сигурни дека треба да го чекаат токму денес, токму на тоа место, ниту дека Годо навистина ќе дојде.
Во бесмисленоста на своето постоење ваквиот дијалог меѓу нив е вообичаен:
Естрагон: Ајде веднаш да се обесиме.
Владимир: За некоја гранка? (Се доближуваат до дрвото). Ништо не му верувам.
Естрагон: А што ќе нè чини ако пробаме?
Владимир: Ајде.
Естрагон: По тебе.
Владимир: Не, не — прво ти.
Естрагон: Зошто прво јас?
Владимир: Ти си полесен од мене.
Естрагон: Па токму поради тоа!
Владимир: Не разбирам!
Естрагон: Употреби ја својата интелигенција. Дали можеш?
Владимир ја употребува својата интелигенција.
Владимир: (најпосле): Уште ништо не ми е јасно.
Естрагон: Еве како изгледа тоа… (Размислува). Гранката… Гранката… (налутено). Ма, размисли малку со своја глава! Зарем не можеш?
Владимир: Ти си мојата единствена надеж.
Естрагон (со напор): Гого — лесен!… Гранката — не се крши!… Гого — мртов. Диди — тежок!… Гранката — крши… Диди — сам. Додека, меѓутоа —
Владимир: Види, на тоа воопшто и не помислив!
Естрагон: Ако успееш ти да се обесиш на неа, ќе успеам и јас.
Владимир: Зарем јас сум потежок од тебе?
Естрагон: Тоа ти го рече. Јас не знам. Шансите изгледа се подеднакви. Или барем приближни.
Владимир: Па тогаш што да правиме?
Естрагон: Да не правиме ништо. Тоа е најсигурно.
Владимир: Да причекаме додека да видиме што ќе ни каже тој.
Естрагон: Кој?
Владимир: Годо…
Естрагон: Добра идеја.






