Пуштени во продажба билетите за мечевите на Македонија на ЕП, во Романија со негативен ПЦР-тест

Од денеска до 26 мај до 14 часот, навивачите на фудбалската репрезентација на Македонија можат да аплицираат за влезници за нејзините натпревари на претстојното Европско првенство во Романија.



Билетите се продаваат по принципот „прв дојден, прв услужен“, а до нив се доаѓа само со код за пристап до порталот на УЕФА за тикети што го доделува Фудбалската федерација на Македонија.

Кодот за пристап важи само за едно купување, по што повеќе не е валиден, објави УЕФА.

Од ФФМ, пак, информираат дека во Романија ќе може да се влезе со негативен ПЦР-тест, а укината е обврската за напуштање на земјата пред истекот на 72 часа по влезот, што значи дека фановите ќе можат да останат во Букурешт за двата меча на 13 јуни против Австрија и четири дена подоцна со Украина.

Засега не е познат бројот на влезници за продажба со кои ќе располага ФФМ.