„Мислам дека ќе најдеме решение со Бугарија, ни треба помош од Грција, која сега веќе е наш стратешки партнер“, изјавил премиерот Зоран Заев за време на неговото учество на шестиот Делфи економски форум во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.
Грција е многу гласна на Европскиот совет преку премиерот Мицотакис, преку министерот Дендиас, вели Заев според кој тие се многу фокусирани и лидери на процесот за интеграција на Западен Балкан во Европската Унија.
Заев изразил оптимизам: „Ние продолжуваме да разговараме со нив, ние сме пријатели со сите. Бугарија го измисли ова прашање. Дури, не ни можам да ви објаснам што е проблемот сега, бидејќи е смешен проблем, непостоечки проблем.
Ни треба да најдеме решение бидејќи тоа е добивка и за Бугарите и за Македонците од С. Македонија и само придобивки би донело на сите“, изјавил Заев.
Атернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис, од Делфи Форумот во Атина истакна дека Европа мора да ги одржи ветувањата и не треба да има доцнење во пристапниот процес за македонија Албанија, и порача дека Атина не се согласува со евентуално одвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.






