Во подготовка е Закон кој наводно треба да биде донесен во јуни, кој предвидува продажба на државното земјоделско земјиште по цена од најмногу едно евро за квадратен метар, дознава „Фактор“.
Цената ја утврдува Владата, а не може да биде пониска од 0,30 евра по метар квадратен ниту повисока од 1 евро.
Како што дознава „Фактор“, Министерството за земјоделство го подготвува и чека коментари на решението, кое уште неизлезено предизвика лавина реакции.
Во законот стои дека сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост не може да стекнат странски физички и правни лица, освен ако со меѓународен договор поинаку не е одредено.
Сопственост на земјоделско земјиште во државна сопственост може да стекнат државјани на земји членки на Европската унија по истек на седум години од влезот на Македонија во Европската унија.
За продажба на земјиштето ќе се распишува јавен оглас. Инаку во законот стои дека предмет на програмата може да биде максимум 50.000 хектари од слободното земјоделското земјиште во државна сопственост.







