Дел од канабисот кој легално се произведува за медицинска употреба во Македонија можеби завршува на црниот пазар, се наведува во извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“.
Во извештајот, како што пренесува Гласот на Америка, се потсетува на неколку случаи на кражба на канабис од магацини на лиценцирани компании, меѓу кои и оној од декември минатата година кога два тони канабис беа украдени од складиште на компанија во селото Јосифово близу Валандово.
Извештајот го анализира целиот нелегален пат на дрогата, од Западниот Балкан до централна и западна Европа, а како посебен регион од интерес е издвоен источниот дел од земјата.
„Источниот дел од Северна Македонија вклучува ‘жешки точки’ каде наркотиците доаѓаат од Бугарија (хероин и синтетички дроги) од Благоевград во Делчево, а канабисот оди во обратна насока…
Преку Струмица во Грција се пренесува канабис и хероин, а кокаинот оди во двете насоки. Клучна точка е Велес зашто се наоѓа на патот кој оди од Исток кон Запад, како и на Коридорот 10 кој оди од Север кон Југ“, стои во Извештајот.
С.Македонија освен на канабис е производител и на синтетички дроги, се наведува во извештајот во кој е опишан случајот од 2017-та кога во нелегални лаборатории во Батинци и во близина на Тетово беа запленети 910.000 таблети „Каптагон“, 52 килограми амфетамини и сировини кои се користат за производство на наркотици.
Според извештајот, С. Македонија е на претпоследното место од шесте држави на Западниот Балкан според заплената на дрога од страна на полицијата, зад неа е единствено Косово, пренесува Гласот на Америка.







