И Катица Јанева бара ново судење

Поради суштествени повреди и погрешно утврдена материјална и фактичка состојба, одбраната на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, бара првостепената пресуда за случајот „Рекет“ да биде целосно укината или случајот да биде вратен на повторно судење.



Јанева е осудена на седумгодишна затворска казна, моментално е во домашен притвор во Гевгелија, а поради здравствената состојба денеска не се појави во Апелација.

Адвокатот Дељо Кадиев, образложувајќи ја жалбата, рече дека навистина има голем број суштествени повреди на постапката за овој случај и затоа една третина од жалбата се однесува на тоа. Обвинителството не го докажа делото кое и се става на товар на Катица Јанева, наведе нејзината одбрана, образложувајќи ја жалбата пред Апелациониот суд.

Јавниот обвинител, посочи Кадиев, транскриптите од разговорите ги дава со свои вметнати мислења и Судот такви и ги прифаќа.

„Се влијаело, затоа што обвинителството во загради ставало свои мислења, кои се цитирани потоа и во самата пресуда“, изјави Кадиев.