Заев на средби во Брисел ќе бара објаснување за изјавите на Вархеји

Македонскиот премиер во Брисел ќе оствари средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, со Жозеп Борел, потпретседател на Европската комисија и висок претставник за надворешна политика на ЕУ, со извршниот потпретседател на Европската Комисија, Франс Тимемерманс и со Оливер Вархеји, еврокомесар за соседска политика и проширување.



Се очекува тие да разговараат за пристапниот процес на Македонија кон Европската Унија.

Минатата недела, еврокомесарот за проширување Вархеји во Скопје, а потоа и за „Еуроњуз“ кажа дека е можно Брисел да ги отвори пристапните преговори само со Албанија, доколку остане бугарското вето и не се најде заедничко прифатливо решение меѓу С Македонија и Бугарија.

Премиерот Зоран Заев пред заминувањето за Брисел порача дека очекува ЕУ да ги потврди европските вредности и да го испорача тоа што го вети за спроведените реформи во Северна Македонија. Во изјава за „Еуроњуз“ вели дека дека кандидатурата на С Македонија е тест за кредибилитетот на Европската унија на Западен Балкан, за тоа дали ЕУ ќе ги одржи ветувањата.

Од Брисел, премиерот Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, ќе отпатува за Мадрид. Премиерот Заев ќе ја заврши европската агенда со работна посета на Атина и со учество на Економскиот форум Делфи, a во Атина Заев ќе има средба со премиерот на Грција Киријакос Мицотакис.