Во Европската Унија не се подготвува раздвојување на Македонија и Албанија, кои очекуваат прва меѓувладина конференција и почеток на преговори, доколку Скопје и Софија не најдат заедничко решение, велат високи функционери на Европската Комисија, кои ги цитираат порталот Политико и дописникот на „Волстрит журнал“, јави Дојче веле.
Дописникот на „Волстрит журнал“ од Брисел, Лоренс Норман, синоќа на Твитер, повикувајќи се на висок функционер на ЕУ, тврди дека ставовите на Вархеји отстапуваат од позицијата на Европската Комисија.
„Не подготвуваме раздвојување, велат од ЕК, напротив, Комисијата поддржува брзо отворање на преговорите со двете земји.
Бриселскиот портал Политико, повикувајќи се на висок функционер, денеска објавува дека тој експлицитно ги демантира изјавите на Вархеји веднаш откако тој ја дал изјавата за Еуроњуз.
„Од Комисијата следуваше експлицитен одговор: Службите не подготвуваат никакво раздвојување, вели висок функционер, сугерирајќи дека унгарскиот комесар можеби е премногу добро поврзан дома, каде што поранешниот премиер на Северна Македонија, Никола Груевски, го доби она што Унгарија го нарекува азил, откако беше осуден на две години затвор за злоупотреба на службената положба“, пишува Политико.







