Иако процесите за членство на Северна Македонија и Албанија во ЕУ досега течеа заедно, Брисел би можел да ги раздвои и да ги почне пристапните преговори со Тирана, доколку продолжи бугарската блокадата на Скопје и не се најде заеднички прифатливо решение со Софија, изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.
Тој за Еуроњуз вели дека ако продолжи застојот во случајот со С Македонија, ќе се разгледа можноста Албанија сама да продолжи на европскиот пат.
„Ако повторно наидеме на тешкотии со Северна Македонија, што значи дека не сме успешни во убедувањето на Бугарија и Северна Македонија за обострано прифатливо решение, тогаш прашањето е дали можеме да одиме напред само со Албанија. И ќе мора да го разгледаме тоа прашање„, рече Вархеји.
За тоа дали формалното „раздвојување” е опција, тој одговори: „Да, тоа би можело да биде опција”.
За разлика од Вархеји, некои земји членки на ЕУ како Германија и Австрија отворено се изјаснија против можноста да се разделат С Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, поради бугарската блокада кон Скопје. (МИА)







