Калоѓера за Делчев: Голем Македонец. Слава му!

Хрватскиот македонист и поранешен почесен конзул на Македонија во Риека, Горан Калоѓера, со пригодно „слово“ за апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.



„Во моментов на ум ми е Делчев. Иако го честитам Денот на македонскиот јазик, кој ние на Филозофскиот факултет во Риека го цениме, негуваме и промовираме, а слушам дека имаме и нови 70 студенти на Лекторатот, тогаш гледам дека мојот труд пред многу години не бил залуден.

Но, да се вратиме на Делчев, тој генијален визионер на македонската иднина и еден од организаторите на Илинденското востание. Не мислам и не сакам да пишувам пофални слова за таа харизматична личност од македонската историја, на која не сакаат да ѝ се поклонат ни премиерот ни претседателот. Но, му се поклонувам јас, обичен човек, кој има некакви сознанија за него.

Се враќам во 1895 година, кога Делчев во своето писмо до Ефрем Каранов јасно ги дефинира ставовите на МРО (Македонската револуционерна организација – н.з.) и настојувањата на ВМК (Македонскиот врховен комитет) од Софија, спротивставувајќи се на неговата идеја да се исфорсира востание во Македонија. Делчев пишува (јас преведувам, дозволувам да грешам…): ‘Ослободувањето на Македонија лежи, базира на внатрешно востание во Македонија. Оние што мислат дека Македонците ќе се ослободат поинаку, тие се лажат себеси и другите. Во Македонија – продолжува Делчев – се развива систематска акција за едно општонародно востание, кое ја опфаќа целата територија на Македонија и нема катче во кое не сме присутни. Должност на секој патриот е да се приклучи на тоа движење и да помогне колку што може’.

Исто така Делчев енергично му се спротивставува на бугарскиот генерал Данаил Николаев во 1896 година за бугарското мешање во илинденското востание: ‘Ние не се согласуваме со тоа што го мислите Вие за Македонија. Ние знаеме кои сме – селани, македонскиот народ… Не сме во можност да кроиме политика, но не дозволуваме други да ја кројат политичката клима во Македонија. Нашата борба за нас е – живот или смрт! Нема да им дозволиме на другите да решаваат за тоа дали ќе живееме или ќе умреме за кој било. За тоа ќе реши народот, кога ќе се крене востанието’.

Овие текстови (слободно преведувајќи) говорат, укажуваат колку Делчев бил сигурен во својата идеја за ослободување на Македонија без бугарска ‘помош’ и, конечно, колку бил во право во однос на целиот востанички процес. Голем Македонец. Слава му!“, пишува Калоѓера на Фејсбук.