Филипче апелира граѓаните да се пријавуваат за вакцина

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека одѕивот за вакцинирање треба да биде поголем и апелира до граѓаните да се пријавуваат на сајтот „вакцинација.мк” за кој вели дека функционира беспрекорно и нема никакви проблеми при закажувањето.



Во текот на завчерашниот ден, како што кажа Филипче, од 9.000 граѓани кои добиле термин за вакцинирање, само половина или 4.500 се пријавиле за вакцинирање.

Тој соопшти дека процесот на вакцинација ќе се заокружи со министрите со оглед на тоа што имаат закажано патувања, а најави и продолжување на вакцинацијата на вработените во критичната инфраструктура.

Засега, не се дозволува избор на вакцина, бидејќи, како што рече Филипче, сите вакцини се безбедни и не се забележани контраиндикации, освен за вакцината на „Астра Зенека” која не се дава на лица помлади од 60 години.

Очекувањата се дека во текот на мај треба да пристигнат близу 50 илјади вакцини „Фајзер”, односно секој понеделник по приближно 10 илјади вакцини, а околу 14-15 мај, во зависност од тоа како ќе биде организиран транспортот, се очекува да пристигне и дополнителната количина од „Синофарм” обезбедена преку Министерството за одбрана.

„Тоа се чини дека ќе биде доволна бројка да се надополни системот на вакцинирање“, рече Филипче.