Свесни или не, претседателот и премиерот направија вистински потег што не се појавија на гробот на Гоце Делчев на 118-годишнината од загинувањето на апостолот на македонската револуционерна борба. Звучи парадоксално, но со тоа што не го испочитуваа великанот ни на денот кога тој го даде животот за Македонија, како што не го есапат ни неговиот роденден 4 февруари, Пендаровски и Заев направија правилен чекор.
Зошто? Па, што мајка бараат пред камениот саркофаг во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје? Делчев е сè што „Љубави“ и Полиглотот не се и никогаш нема да бидат, па нема зошто да иритираат со своето присуство таму каде што, објективно, не им е местото. Првиот не е до толку без с(о)вест за да не знае што значат во аргументирањето со источниот сосед сопствените зборови дека „неспорна историска вистина е оти Гоце Делчев се декларирал како Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава“. За вториот, пак, нема доказ дека знае што воопшто значи Преспанскиот договор за македонските национални интереси, а камоли во однос на припадноста на кукушанецот, кој, според неовластено потпишаното од другар му Никола Димитров во Нивици, испаѓа дека е – Грк?!
Оттаму, џабе се удира „у градима јуначкима“ новопечениот самозамислен патриот денеска, расфрлајќи се со изјави од типот „по цена на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик не ни треба Европската унија“ и „сѐ дури постои македонскиот јазик ќе постојат и Македонците“. Во македонскиот идентитет се колнеше и кога лажеше дека нема да се менува Уставот заради промена на името на македонската држава, па со анационалните пајташи околу себе го сторија токму тоа. А колку му е до јазикот зборува и реализацијата на Тиранската платформа во делот на двојазичноста, со која го сведоа македонскиот на ниво на јазикот на најголемото малцинство, и тоа на целата територија на државата.
Наспроти ова, неспорна историска вистина, што би рекол Пендаровски, е дека Делчев се борел за слободата и автономијата на Македонија, а не на некаква си „Северна“. И оти го слушал гласот на народот и сочувствувал со неговите страдања под османлискиот јарем, за разлика од Заев, кој ладно го изигнорира пропаднатиот референдум за името, а среде пандемија и десетици починати секој ден, сепак, наоѓа време за „возикање“ со мотоцикли, квадови, моторни санки, па дури и за летање со хеликоптер. А ни тој, ни Стево „немаат време“ за најголемиот македонски син…
Затоа, ич нека не му доаѓаат на поклонение. И следната година нека пратат делегации на ниво на кафеготвачки во Владата и на градинари во претседателската резиденција на Водно.
Ако дојдат сами кај вечното почивалиште на Гоце, може да им падне малку незгодно, ем непријатно пред авторот на вонвременската и никогаш поактуелна констатација: „Јас не познавам друг народ што повеќе страдал од своите синови-изроди како македонскиот“.





