Ако прашате некој стар скопјанец каде лежи духот на Скопје кое тие го познавале некогаш, Скопје пред земјотресот, Скопје пред реновирањето, Скопје пред пренаселеноста, ќе ви кажат едногласно – на Старата скопска чаршија! Ова мало парче земја поплочено со калдрма, од Бит-пазар до Камени мост, од Кале до реката Серава, го собрало целиот дух на стариот град и атмосферата која во него владеела во златните години.



Старата скопска чаршија се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар, и од Кале до реката Серава. Отсекогаш била атрактивен простор за сите патеписци и посетители на Скопје во минатото.

Првите податоци за постоењето на чаршијата датираат од 12-ти век, а во тоа време кога Македонија била под власт на Отоманската империја, на неа се наоѓале џамии, сараи и анови, како и други турски споменици.

Скопската чаршија е повторно актуелна, со донесувањето на законот за Старата скопска чаршија на 13 октомври 2008 година, кога беше прогласена за културно наследство од особено значење и оттогаш е под трајна заштита на државата.

Денес повторно се гледаат насмеани лица и забава на Старата скопска чаршија. Секако, поразлична е и помодерна од порано, но е единствената грутка земја во Скопје која останала иста низ годините, децениите и вековите.