Владејачките социјалисти на Еди Рама собираат потписи како дел од најавената иницијатива за разрешување на претседателот Илир Мета.
„Поради неколкуте сериозни прекршувања на Уставот од страна на претседателот Илир Мета, пред и по изборната кампања, врз основа на член 90 одлучивме да иницираме постапка за разрешување на претседателот на републиката“, се наведува во пораката испратена од раководството на парламентарната група до пратениците од владејачкото мнозинство.
Ова следува еден ден по изјавата на нивниот лидер Еди Рама, дека „со Илир Мета ќе се позанимава Парламентот”, бидејќи „народот го казнил, а Парламентот само ќе го финализира тоа, со разрешување”.
Мета од своја страна вели дека не ни помислува да се повлече од функцијата се до 24 јули 2022 година, кога му завршува мандатот.
Претседателот на Албанија го избира Парламентот со двотретинско мнозинство од вкупно 140 пратеници, а со исто толку може и да го разреши.







