Здружението на штедачи од пропаднатата Еуростандард банка – Правда за штедачи, и денесе се огласија со соопштение, во кое, меѓу другото прашуваат кога сопругот на новоизбраната претседателка на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, ќе го врати кредитот од 1,6 милиони евра земен од оваа банка.
„Од досегашните приложени факти можеме да заклучиме дека семејството Црвенковски успеало да најде правни дупки во законите и правниот систем, и најважно од се, да успее да извлече фантастични 1.600.000 евра заедно со една, сега веќе докажана, банда криминалци од раководството на Еуростандард банка. Да потсетиме, билансите на фирмата Екопласт рисајклинг во сопственост на Зоран Црвенковски, сопруг на Павлина Црвенковска, новата претседателка на Судскиот совет, говорат дека таа била презадолжена и во загуби уште кога ѝ е доделен ненаплатениот кредит, а истиот е одобрен со четири пати помало обезбедување. Фирмата е сега веќе во стечај од 29 октомври 2020 година, само неколку месеци по пропаѓањето на Еуростандард банка.
Оставаме на јавноста да процени дали сопруга на некој кој ја искористил слабоста на системот и своите блиски врски со раководството на банката, е достојна да води еден сериозен орган како Судски совет.
Ја повикуваме јавно Павлина Црвенковска да одговори кога нејзиниот сопруг Зоран Црвенковски ќе ги врати 1.600.000 евра на нас ограбените физички и правни лица од Еуростандард банка. Црвенковска да одговори и како е можно да му се одобри милионски кредит во евра на нејзиниот сопруг со заложена опрема со проценета вредност четири пати помала од преостанатиот долг. Дали Павлина Црвенковска стана претседател на Судскиот совет за да го амнестира криминалот на нејзиниот сопруг или можеби целиот организиран криминал во Еуростандард банка?
За делот со анкетниот лист на Павлина Црвенковска, која како јавен функционер свесно го нема наведено имотот на нејзиниот сопруг, очекуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да се изјасни по ова прашање… се вели во соопштението, пренесува МКД.МК.
Тука само сакаме да ја запрашаме Павлина Црвенковска дали сметајќи дека ќе се избегне одговорност, поголемиот дел од имотот е префрлен на име на ќерката Ирина Црвенковска Кчев? Дали семејството Црвенковски смета дека со овој потег повторно го изиграа системот? За ова прашање ние ќе дадеме одговор, преку потсетување за делот од законот дека во случај на сторено кривично дело и преку него стекната противправна имотна корист, вака стекната корист не може да се задржи без оглед на чие име е пренесена сопственоста. Во ваков случај, обвинителството може да предложи проширена конфискација што ги опфаќа и блиските лица на сторителот.
Нивната ќерка, Ирина Црвенковска Кчев, сега се јавува и како сопственик на фирма за собирање на отпад Еко колектор ИЦК дооел Скопје. Фирмата е основана во јули 2018 година, само еден месец откако нејзиниот татко Зоран Црвенковски решил да не го враќа кредитот во Еуростандард банка. И замислете, тој нејзин татко кој „позајмил“ 1,6 милиони евра и не ни ги вратил, е управител на оваа новоформирана фирма. Една фирма носи во стечај со земени и невратени наши лични пари и се појавува во друга фирма додека ја остава првата да пропадне.
Ги прашуваме нашите лидери во државата, премиерот Заев и претседателот Пендаровски, дали и понатаму ќе молчите и ќе го толерирате ваквото однесување на високо поставени јавни функционери во нашава држава како Павлина Црвенковска? Нели ќе се оценуваше интегритетот и ќе се правеше ветинг на луѓето во судската власт? Дали ја гледате злоупотребата на Павлина Црвенковска или се согласувате со истата“, прашуваат од здружението Правда за штедачи.







