Русија и Кина водат кампања за „оцрнување“ за да ја нарушат довербата во вакцините одобрени од Европската унија и да ги продаваат своите, се вели во извештајот објавен од телото на европската дипломатија за борба со дезинформациите.
Руската и кинеската „вакцинална дипломатија“ е придружена со „обиди за дезинформација и манипулација кои имаат за цел да ја нарушат довербата во вакцините произведени на Запад, во европските институции и во европската стратегија за вакцинирање“, се наведува во извештајот, пренесува Хина.
Москва и Пекинг „ги користат државните медиуми, медиумските мрежи блиски до владата и социјалните мрежи, како и официјалните дипломатски профили на социјалните мрежи, за да ги постигнат овие цели“, предупредуваат авторите на извештајот.
Од почетокот на 2021 година, има повеќе од сто нови примери на дезинформации за вакцините што може да се припишат на Кремљ.
Ваквото однесување има за цел да ја „поткопа довербата на јавноста во Европската агенција за лекови и да ги доведе во прашање нејзините процедури и нејзината политичка објективност“, се вели во извештајот.
Европската агенција за лекови (ЕМА) досега одобри четири вакцини: Фајзер, АстраЗенека, Модерна и Џонсон и Џонсон.(Ал џезира)







