Пркосот е одраз на принципиелност и интегритет а пораката на премиерот, промовирање на сервилност. Ако заради таков пркос Стојко Пауновски е ставен „на тапет“ или разрешен, тоа ќе значи враќање на некои минати времиња и практики, кои немаат место во демократскиот плурализам, вели Петар Гошев во врска со заканата на премиерот Зоран Заев дека ќе го разреши директорот на ДПИ зашто не сака да прими 35 „рамковни“ вработувања во Инспекторатот.
Во изјава за Истражувачката репортерска лабораторијан (ИРЛ) Гошев потенцира дека токму партијата треба да го одбрани, но само ако е вистинска партија, а не акционерско друштво со еден акционер од 98 проценти.
„Таа иста партија пред скоро две години не го одбрани министерот за финансии (Драган Тевдовски) заменувајќи го со срамно решение во споредба со него. Тој министер не беше бранет и од овој функионер што сега е на ред да биде жртва.
Најкорисно за општеството е сами меѓу себе да се распаднат како нешто што се нарекува партија. Затоа што оваа трагедија што денес се случува е дело на сите безрбетници што доброволно прифатиле чифлигарство“, вели Гошев за ИРЛ.







