Албанскиот претседател Илир Мета и американскaтa амбасадоркa во Тирана, Јури Ким, разменија обвинувања откако Мета ги повика Албанците да го заштитат нивниот глас од кражба на владејачката Социјалистичка партија дури и со употреба на „вили“, јавува Exit.al.
„Неприфатливо е некој да се заканува дека, ако не им се допаѓаат резултатите од изборите, граѓаните треба да ги земат вилите на 25 април. Ваквите закани заслужуваат да бидат казнети. Оние што иницираат насилство ќе одговараат за своите зборови и постапки. Стоп“, му порача американската амбасадорка.
Претседателот Мета доцна синоќа во телевизиско гостување рече дека САД се мешаат во внатрешните работи на државата и реагираше експлозивно на упатената порака од страна на амбасадорката Ким.
„Сум ѝ кажал на амбасадорката дека, ако имате нешто за мене – кажете, бидејќи јас знам дека ако сакате можете да ме ликвидирате. Но, барем однесете ме во планина и пуштете една ракета за да не оштетите други луѓе. Ако го сакаат Еди Рама, нека го земат во Америка. Тука одлучуваат Албанците. Да се плашам од Америка затоа што имаат носачи на авиони?! Па, и Русија има“, рече Мета.
Тензичните односи меѓу амбасадорката на САД во Тирана и претседателот Мета се заострија во последните денови.







