Со мнозинство гласови од советниците од партиите на Албанците, плус еден од Обединетата партија на Ромите, градот Бујановац од југот на Србија стана дел од Заедницата на албански општини, чиј член е и Тетово.
Во образложението на барањето за членство се наведува дека со тоа „ќе бидат поставени темелите за силна и долгорочна соработка во регионот во кој живее една третина од албанското население“.
„Заедницата ќе послужи за размена на искуства со сите општини-членки и за остварување партнерство за одржлив развој. Ќе работиме на заеднички проекти и платформи во областа на урбанизмот, иновациите, заштитата на животната средина, културата, уметноста“, го објасни предлогот Шуајб Незири, директор на Туристичката организација на Бујановац.
Поранешниот помошник на директорот на Канцеларијата за Косово, Марко Крлиќ, пак, оцени дека „Албанците на овој начин перфидно ја создаваат ‘Голема Албанија’ пред нашиот нос“.
„Голема Албанија постои, иако не формално, но таа функционира токму преку ваков начин на поврзување. Сите мислат дека тоа е само реторичка закана, но никој не гледа како и на кој начин тие во суштина малку по малку се поврзуваат, и тоа со договори, документи, референдуми на кои веќе сите заборавија. Јас не се сомневам дека Албанците сакаат да имаат една голема држава, но тука самите на себе си поставуваат повеќе прашања – дали повеќе им одговараат две столчиња во ОН (Албанија плус Косово) или една. Со заканите со обединување се обидуваат само да создадат конфузија со цел да им се исполнат и некои други барања, за нив поважни во овој момент“, оцени тој за „Спутник“ на српски јазик.
Заедницата на албански општини е основана на Денот на албанското знаме 28 ноември 2016 година, кога ѝ пристапија Прешево, Тетово, Улцињ, Приштина и Тирана, каде што е седиштето, а Бујановац стана шести член.






