Министерот за правда Бојан Маричиќ во коментар за неизбирањето на обвинителката Ленче Ристоска на повисока фунцкија со доза на утеха вели дека ќе има и други конкурси, на кои таа ќе може да конкурира.
“Треба да се има предвид дека ова е само еден круг на избор, јас сум сигурен дека во иднина ќе има и други избори на јавни обвинители на различни нивоа, така што секој добар и квалитетен обвинител кој што има што да покаже може да се надева и да конкурира да биде избран и во иднина”, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во изјава за ТВ21, во врска со гласањето со кое беше решено Ленче Ристоска да не биде избрана за виш обвинител.
“Ова не е ни прв ни последен конкурс или оглас на кој што се бираат обвинители. Не е коректно министерот да навлегува во постапката на изборот ниту пак да коментира конкретно кој бил избран, а кој не. Тоа е исклучителна проценка на Советот на јавни обвинители. Мислам дека не е спорно дека таа е квалитетен обвинител, тоа го покажала на дело. Впрочем, владата во договор со обвинителството ја предложи за претстваник во Евроџаст, тоа е европската мрежа за судско обвинителстка соработка во Хаг, каде што таа ја претставува државата. Мислам дека со самото тоа веќе сме го кажале мислењето”, вели Маричиќ.
Маричиќ смета дека Советот на обвинители има начин и критериуми по кој што цени кои обвинители треба да бидат избрани, а Владата во тој дел нема право и не треба да коментира.
И покрај тоа што вели дека не треба да коментира правосудни процеси, Маричиќ сепак коментира, прејудицира и со тоа ја загрозува позицијата и легитимноста на било каков избор на Ристоска на идните конкурси во обвинителствата.





