Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави отворање на туристичката сезона во земјата на 15 мај, а македонските граѓани ќе можат да патуваат во Грција со сертификат за вакцинација или негативен ПЦР-тест, изјави министерот Филипче.
Министерот за здравство, д-р Венко Филипче во вчерашното интервју на телевизија Сител посочи дека нашата држава веќе има изготвено сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе послужи на граѓаните да патуваат во Грција. Граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР тест
„Тоа што би требало да се бара при премин на границите се потврда или за примена вакцина за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела веќе во понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР тест“, изјави Филипче.






