Словачкиот тинк-тенк ГЛОБСЕК, кој секоја година во Братислава организира форум за безбедност, европски прашања, енергија, економија и стратегиски комуникации, ги објави резултатите од своето истражување на јавното мнение во Централна Европа во однос на Русија, во кое е опфатена и Македонија.



Општиот заклучок што може да се извлече за неа од истражувањето финансирано од американскиот Стејт департмент и од Националниот фонд за демократија на САД, кое вклучува десет прашања, е дека Македонија неспоредливо повеќе го претпочита Западот, но и оти нејзиниот народ чувствува блискост со Русите по словенска линија.

На прашањето „би сакале ли вашата земја да биде дел од Западот или од Истокот“, за првата опција се определиле 46 проценти од анкетираните во Македонија, наспроти само 7 отсто за втората.

За важен стратегиски партнер Русија ја сметаат 23 проценти од македонските граѓани вклучени во анкетата.

Само за 10 отсто од нив Русија претставува опасност за нивната земја, наспроти 66 отсто кои не се согласуваат со тоа.

Повеќето прашани (37 проценти) сметаат дека НАТО намерно ја провоцира Русија, обиколувајќи ја со воени бази, во споредба со 32 отсто, според кои Русија ја провоцира Алијансата, иницирајќи конфликти во Источна Европа.

Нешто над една третина анкетирани во Македонија (35 отсто) одговориле потврдно на прашањето дали сметаат дека западните земји често неправедно ја обвинуваат Русија за незаконско или за штетно однесување.

На Русија како на словенски брат гледаат 65 проценти од македонските учесници во истражувањето, а 44 отсто од нив сметаат дека треба да се развиваат односите со неа.

За 27 отсто анкетирани од Македонија, Русија се поставува агресивно кон своите соседи и се обидува да ги ослаби ЕУ и НАТО.

Мнозинството (58 проценти) е уверено дека руската воена моќ е далеку подобра од таа на која и да е држава во светот, наспроти 41 отсто кои сметаат дека американската армија е помоќна и помодерна од руската.

Конечно, 48 проценти од анкетираните во Македонија одговориле со „да“ на прашањето „сметате ли дека Русија, како основен фактор за поразот на фашизмот во Втората светска војна, продолжува да игра водечка улога во борбата против фашизмот и денес?“, а 38 отсто се изјасниле со „не“.

Покрај Македонија, во истражувањето на ГЛОБСЕК биле вклучени и Србија, Црна Гора, Бугарија, Словачка, Чешка, Романија, Унгарија и Полска.