ОМО „Илинден“ со писмо до бугарските институции и до 15 амбасади

Обединетата македонска организација „Илинден“ се обрати по писмен пат до претседателот на Бугарија, до премиерот, до Комисијата за заштита од дискриминација, до народниот правобранител, како и до 15 амбасади во земјата, реактуелизирајќи го барањето за признавање и за почитување на правата на македонското малцинство.



„Како први луѓе на државата, вие имате имате долг кон сите граѓани на оваа земја, вклучувајќи ги и Македонците во Република Бугарија, кои ја зачуваа својата националност, и покрај репресиите и притисокот.

Денес властите во државата изјавуваат и го уверуваат светот дека Република Бугарија станала демократска држава. Ние не сме разбрале кога и како се случило тоа, со оглед на зачуваната идеологија на репресија од времето на комунистичкиот режим поради нашето македонско самосознание и самоопределување, како и поради нашата дејност за заштита на правата и на слободите на Македонците во Република Бугарија“, се вели во писмото.

„Затоа би сакале да ги поставиме следните барања пред вас:

  1. Македонското малцинство во Република Бугарија да биде запишано во Уставот на демократската држава Република Бугарија,
  2. Државата да ги преиспита одбивањата за регистрација на непрофитни здруженија на Македонците во Република Бугарија, имајќи ги предвид многуте осудителни пресуди на Европскиот сид за човекови права,
  3. Државата да го воведе изучувањето на македонскиот јазик и историја во основното и во средното образование во Република Бугарија, во согласност со Конвенцијата за борба против дискриминацијата во областа на образованието,
  4. Да запре антимакедонската пропаганда во Република Бугарија против македонското малцинство во Република Бугарија,
  5. Би сакале исто така да ве прашаме кога ќе побарате да станат јавни архивите на Државната безбедност поврзани со репресиите и со измачуњата на граѓаните на Република Бугарија со македонско самосознание, за сите граѓани да видат кои се џелатите на Македонците во Република Бугарија.

Од вашиот одговор на овие барања ќе заклучиме колку искрено посакувате европска иднина за Република Бугарија или сакате да останете да живеете во мракот на тоталитарните служби“, стои во писмото на ОМО „Илинден“ потпишано од нејзиниот претседател Димитар Запров Парасков од градот Сандански и од уште двајца активисти на првата организација на Македонците во Бугарија по падот на комунистичкиот режим на Тодор Живков, која на 14 април го прослави својот 31. роденден.