Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со кривични пријави за „пратениците во скафандери“

 Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ утре ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство поради, според нив, присуството на двајца пратеници од парламентарното мнозинство кои позитивни на коронавирус присуствуваа на две седници – во скафандери.



Со тоа дадоа пример дека политичарите се над законите, а притоа во ризик беа сите вработени во Собранието, присутните претставници на медиумите како и пратениците, изјави денеска координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски.

Присуството на двајца позитивни пратеници, спротивно на сите законски норми по никоја цена не беше оправдано, а секој обид за нивно воздигнување во т.н. статус на херој е срамен и безобразен чин во очите на вистинските херои на оваа пандемија. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ цела недела најавуваа, а тоа се потврди и со самиот чин на гласање, дека ќе дадат поддршка на петтиот сет еконономски мерки, рече координаторот.

„Тоа што е ноторно е дека вчера се прекршија членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Бидејќи никој не е над законите, вклучително и претседателот на Собранието и пратениците, одговорност мора да има. Систем во кој не функционира владеење на правото по никоја цена не е оправдан. Таквата пракса на работење на Коалиција против правдата составена од СДСМ и ДУИ ќе престане. Затоа, сакам да ве информирам дека во текот на утрешниот ден пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство.

На потег ќе биде правосудството кое ќе треба да се оттргне од очигледните политички стеги во рамките на коишто функционира според сите меѓународни извештаи“, рече Мицевски.