Грција се плаши од резултатите на локалните избори во Македонија

Грчкиот печат е загрижен дека добар пласман на партијата на Груевски на локалните избори би ја дестабилизирала состојбата кај северниот сосед



Вниманието на јавноста кај северниот сосед сега се врти кон локалните избори, оценува дел од грчкиот печат, кој покажува загриженост од исходот. Прашање е, се вели во анализите, дали премиерот Зоран Заев ќа ја консолидира својата сувереност или поранешниот премиер Никола Груевски, ќе успее да освои значителен број општини со што би можел да се опорави.

Ако се случи второво, постои загриженост дека земјата повторно ќе се дестабилизира. Во анализите се потсетува дека партијата на премиерот досега имаше четири општини, партијата на Груевски 60, додека во 15 општини локалната власт е во рацете на Албанците.

Според грчките анализи меѓународната заедница му дава поддршка на Зоран Заев кој повлекува многу дипломатски потези со цел да ја внесе земјата во НАТО под привременото име. Очигледно е, се оценува, дека есенва новата влада во Скопје ќе стори сé што може за да покаже дека има проевропски профил и дека може да стане соговорник на сојузниците.

Покрај тоа, на самитот на НАТО во декември на агендата ќе биде и проширувањето на Алијансата. Тоа не и одговара на Грција што јасно го стави до знаење и шефот на грчката дипломатија вчера.

Во овој момент, Грција е решена да ја задржи својата водечка улога на Балканот, бидејќи според министерот, Грција, и покрај најдолгата повоена криза, издржа и е сеуште е најмоќната геополитичка во регионот. Тоа не е привилегија или право или моќ. Тоа е одговорност, а од овој аспект сакаме да ги решиме сите проблеми, порача завчера Коѕиас.

Грчкиот „аспект“ е познат – промена на името на Република Македонија па дури потоа Атина би се согласила да даде „виза“ за влез на северниот сосед во Алијансата што е дијаметрално спротивно на очекувањата на македонскиот премиер кој очекува прием во НАТО под референцата ПЈРМ и нов предлог од посредникот Метју Нимиц во разговорите за разликите околу името што се водат под покровителство на ОН од 1995 година.