Пратеникот и координатор на пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека на утрешната седница на Собранието сите 44 пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат во законодавниот дом за да гласаат за петтиот пакет мерки за помош.
Но Мицевски вели дека нема да бидат присутни на 32-та седница на Собранието на која власта сака да протурка други закони за кои нема договор.
„На утрешната седница во Собранието сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат присутни во Собранието. Доколку немаат мнозинство владејачките партии, ете 44 пратеници ќе бидат во пленарната сала, па дајте да го изгласаме овој петти пакет на мерки. За 32-тата седница нема да бидеме внатре. Работата на претседателот е да констатира дали има кворум или нема за 32-тата седница и доколку нема ја прекинува, ја презакажува за некој нареден период и преоѓа на следната. Дајте луѓе да ги изгласаме петтиот пакет мерки, ме среќаваат луѓе на улица помош бараат“, рече Мицевски во гостување на телевизија Сител.
Мицевски изјави дека СДСМ постојано зборува дека опозицијата правела сѐ за помошта да не стигне до граѓаните. Според него ситуацијата е сосема обратна, ВМРО-ДПМНЕ прави сѐ за да помошта стигне до граѓаните.
Мицевски објасни дека во четвртокот спикерот Џафери требало да ја прекине „фамозната 32-ра седница и да прејде на 36-тата“ по законите за помош на граѓаните и бизнисот ќе беа изгласани.





