Грчкиот министер за надворешни работи во Скопје не откри многу од грчката агенда кон „милиот северен сосед“.
Главно ги повторуваше истите работи и фрази што со децении ги слушаме од грчките министри за надворешни работи и други политичари.
Она што за прв пат се случи при една посета на грчки шеф на дипломатијата беше неговата постојана насмевка присутна на неговото лице на сите средби кои што ги оствари во Скопје.
Освен на средбата со Груевски на која барем според сликите присутни во јавноста Коѕиас не беше премногу расположен на сите други средби тој се смее како да дошол на гости во грчкиот дел од Кипар. Дури и на сликата од ВМРО – ДПМНЕ очигледно е дека Коѕиас бил расположен затоа што таму насмеани се и неговите соговорници но и неговите соработници.
На средбата во владата при првото поздравување за разлика од Коѕиас кој народски кажано е „расклештен“ дел од кабинетот на премиерот и македонскиот амбасадор во Атина се крајно сериозни.
За новинарите а најверојатно и за домаќините остана енигма зошто Коѕиас беше толку многу весел за време на посетата. Знае ли министерот на „милата наша јужна соседна држава“ нешто што ние не знаеме или само се работи за негово добро расположение ќе покаже времето.

Од досегашните искуства речиси секогаш кога грчките министри биле најнасмеани работата не била добра за Грција но тие не смееле пред својата јавност да покажат загриженост за спорот за името. Речиси секогаш кога грчките министри Бакојани, Друцас и другите биле насмеани Македонија ги добивала најсилните удари.
Каква тајна крие неприродно насмеаното лице на Коѕиас на средбите кои што не биле само протоколарни посети на пријатели од Скандинавија или Западна Европа туку состаноци за решавање на долг и мачен проблем, нема да може да се крие уште долго време.
Колку е неприродна неговата насмевка говори и фактот што тој по посетата на Димитров на Атина за неговиот денешен домаќин кажа дека во Грција пристигнал неподготвен и со тоа му удри сериозна дипломатска шлаканица а денеска на втората средба се однесуваше како двајцата да се долгогодишни пријатели од две искрено блиски земји.





