Опозицијата и медиумите блиски до нив, преку лаги и клевети продолжуваат да го подриваат здравствениот систем. Во услови на пандемија, како Министерство за здравство правиме се што е во наша моќ да обезбедиме потребни вакцини, лекови, опрема или респиратори, а ВМРО-ДПМНЕ единствено што прави е креирање лажни афери.
Целосно ги демантирам наводите за исплатени милион евра за респиратори од Бразил. Ниту се исплатиле пари за посочената набавка која се споменува во објавите на медиумите блиски до опозицијата, ниту било што од напишаното во текстот е точно.
Министерството за здравство никогаш нема потпишано договор за набавка на респиратори од Бразил ниту воопшто има донесено одлука за таква набавка. Вакви рециклирани лажни афери за кои порптаролот на ВМРО-ДПМНЕ држеше прес конференција уште пред една година не поминуваат во јавноста. Граѓаните се заморени од измислувањата на опозицијата која освен тоа ништо друго конструктивно нема направено за време на пандемијата. ВМРО-ДПМНЕ лажеше за набавка на вакцини, за опрема, за број на тестови, а сега и за респиратори – лажна афера стара цела година.
Барам од Инфомакс, Курир, Нетпрес и сите кои ја шират лагата на ВМРО-ДПМНЕ итно да ги повлечат текстовите со кои ја лажат јавноста дека некој злоупотребил народни пари. Во спротивно, ќе ги употребам сите правни механизми да одговараат за ваквите клевети.
Ова е реакцијата на министерот Филипче на новата аудио бомба која одекна на социјалните мрежи а е поврзана со скандалозната набавка на респиратори од Бразил, афера со која уредникот на Инфомакс, Александар Митовски го конфронтираше министерот за здравство Венко Филипче на 19 март минатата година на прес конференција по која веќе наредниот ден Владата забрани присуство на новинари.
Според СНИМКАТА што ја пренесува порталот во аудиото се слуша гласот на амбасадорот на Македонија во Бразил, Ивица Боцевски кој е најзаслужен за враќањето на 100-тици Македонци од Јужна Америка и Карибите назад во Македонија по појавата на пандемијата на Ковид 19 во светот.
Како амбасадор на Македонија во Бразил Боцевски открива дека бил контактиран директно од Венко Филипче и Никола Димитров, во моментот кога набавката на респиратори заглавила поради декретот на бразилскиот претседател Болснонаро. Тој истакнува дека бил контактиран од Никола Димитров, но и лично од Венко Филипче, а набавката на респиратори оди преку приватна фирма и додава дека „си има тука некој нормално“.
-Од Македонија комерцијална фирма си решава прави набавка, кога заглавија ме бараа мене, така иде тоа кај нас. Си има тука некој нормално. Проблемот е што ова требаше да се прави пред 6 месеци не сега. Се јавуваат денеска е паника, денеска се јавуваме се правиме. Цените се многу високи факт е . Се јавува Венко и Никола Димитров, посочува Боцевски.
Она што е клучно е фактот што Боцевски открива дека респираторите биле веќе платени, што е спротивно на тогашните тврдења на Венко Филипче дека таква набавка никогаш не се случила.
-He во Сао Паоло е пратката на аеродром. Значи прво во вторникот имаше проблем, платена беше ама ДХЛ не сакаше да ја прими поради декретот на Болсонаро. Па ДХЛ ја прими со триста ургенции, кој се не се јави. Син му на Болсонаро се јавуваше да ја качат. Само што ја качија и нели имаат они програма кога треба да оди на аеродром, кога дојде на царина, викаат декретот, не може и сега еве работиме околу декретот, вели тој.
Во 2019-та година, министерот за здравство го обвини Александар Митовски за ширење на лажни вести и потенцираше дека набавката не завршена, спротивно на она што го тврди екс-амбасадорот во Бразил.
Филипче тогаш тврдеше дека допрва треба да се случи аукција на која што ќе бидат намалени цените.
– Прво лажна вест е дека набавката е завршена и вие треба да знаете дека министерството за внатрешни работи има обрска да го прати ширењето на лажни вести, посебно оваа ситуација која што е многу осетлива, која што граѓаните многу будно ја пратат и може да створи паника. заради тоа што да кажете дека е завршена некоја јавна набавка и е прифатена некоја несоодветно голема цена, а тоа не е така е сериозна клевета. набавката не е завршена допрва следи процесот на аукција на намалување на цените. и не е точно дека нешто се држи во тајност или се користи некаква ситуација. Токму тоа што вие ги имате документите во рацете значи дека секој има пристап до сите документи, изјави на 19 март 2020 година Филипче.
Она што беше најпроблематично во оваа јавна набавка на респиратори беше цената од 25 илјади 203 евра по парче, кога респиратори од истата компаника „Магна Мед“ од Бразил, Флекси маг+ на интеренет можеа да се набават по цена од околу 5 илјади долари што е за 5 пати помалку од цената која ја платила македонската Влада.
Дополнителен сомнеж врз набавката фрли и понудената цена од 17 илјади евра од далеку пореномиран производител, „Џенерал електрикс“ цена од 17.137 евра по респиратор што е за 8 илјади евра помала од цената на чинење која ја платила македонската влада.
Повеќе детали на овој ЛИНК на порталот Инфомакс.






