Македонија „плаче“ за ресет – Пишува Роберт Димитриевски

„Македонската држава е распадната, освен според локални, имагинарни критериуми за држава. Во овој момент, Македонија е држава според мерата на скромноумен, ментален провинцијалец и претенциозните псевдоинтелектуалци на неговиот (инаку државен) платен список“.



Оваа драматична констатација на македонскиот научник од светски глас Горазд Росоклија не може да остави рамнодушен никој што чувствува барем нешто кон државата што до пред некоја година се одзиваше на Република Македонија. До болка е прецизна дијагнозата на професорот од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав. Клучен збор во неговата вивисекција на актуелниот миг на матичната држава на Македонците е „распадната“ и само заслепен од пропагандата на заевата добро „ухлебена“ булумента „акумулатори“ нема да се согласи со тоа, колку и да боли вистината.

Каква е ако не распадната државата во која скандалите се нижат како на филмска лента, а одговорност понесуваат само ситни риби, колку да се замачкаат очи и да се купи уште некој ден на државни јасли? Македонски пасоши за регионални наркобосови, американската агенција за борба со наркотици ДЕА апси во суверена држава наместо полицијата чии акции претходно се провалени, премиерот и министерот за здравство ќорава вакцина не набавија, а ја шпартаат Македонија со скапи мотоцикли додека педесетина граѓани секојдневно умираат од Ковид-19, пет часа на раце носат пациент од планинско село завеано во снег зошто надлежните институции се глуви на апелите за помош, функционери ѝ „шиткаат“ на државата софтвери и потоа заминуваат на одмор во егзотични дестинации и абер немаат од враќање…

Ова е само врвот на сантата мраз што само во последно време нарасна како планина. А кај се малиот милион други афери што ја тресат власта откога во јуни 2017 година заседна во удобните фотелји? Епска неспособност, аздисаност, арогантност, бесчувствителност, алчност, бескрупулозност се заштитните знаци на збирштината што само за четири години доведе до распад на системот во Македонија.

Вистинските размери на катастрофата ќе станат појасни со нивното заминување од власт, но уште отсега е очигледно дека, кој и да ги наследи, ќе мора да направи целосен ресет на државата. Ќе мора да ја врати Македонија на фабричките поставки. Буквално да се тргне од референдумот од 8 септември 1991 година, кога сите што гласаа за независна, суверена и самостојна Република Македонија не можеа ни да помислат во што ќе се претвори таа три децении подоцна.

Не може да се гради држава и од неа да се направи пристојно место за живеење ако на неа се гледа како на можност за лично богатење, ако наместо патриотизам се промовира анационалност, ако со неподнослива леснотија се раздава културното и историско наследство наместо да се чува како светиња. Десетиците илјади комити, партизани и бранители не ги положија своите животи пред олтарот на татковината, за некој денес да си поигрува со нивната жртва.

Не е никаква патетика ако се каже дека Република Македонија е отелотворение на стремежот на генерации и генерации Македонци за сопствена држава. Треба ли да ја загубат, за да сфатат каква привилегија е тоа во однос на многу побројни и повоинствени народи, кои ден денес мечтаат за такво нешто, а никако да го остварат? Како Курдите, на пример.