Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков откако ноќта ја поминал во штипската модуларна болница, попладнево е веќе спроведен во приватна болница во Скопје.
Директорот на Затвор-Штип, Мики Тодоров за МИА потврдува дека вчера откако му се влошила здравствена состојба на Чавков и имал ниска сатурација при прегледот од затворскиот лекар, веднаш е хоспитализиран во модуларната болница, каде што добил и постојана кислородна поддршка.
На барање на семејството и по препорака на штипските инфектолози Чавков е спроведен до приватната болница на болнички третман.
Бројот на новозаразени во штипскиот затвот се искачи на седум.
Меѓу позитивните на коронавирусот се и поранешниот началник на специјалните полициски сили, Митко Пешов и Никола Митревски-Кољо, кој беше осомничен како еден од главните организатори на насилствата во Собранието на 27 април.
Според затворскиот лекар, здравствената состојба на останатите осуденици е добра и се изолирани во три посебни простории.
Инаку, 13 осуденици поради контакт со заразените се во изолација, засега немаат пројавено симптоми на коронавирусот.







