Професорот од Правниот факултет Гордан Калајџиев, вели дека не би сакал да биде на местото на обвинетите, бидејќи во моментов судот е под притисок, особено во предметите за кои постои поголем интерес во јавноста.
„Јавноста е навивачки ориентирана, а за разлика од САД, кај нас не постои заштитен механизам кој би гарантирал фер и правична пресуда“, рече Калајџиев во синоќешното гостување на Телма.
За случајот „Трезор“ тој вели дека целиот случај со набавката на опрема за потребите на УБК, според професорот , е базиран на претпоставки во чие докажување Јавниот обвинител не отишол подалеку од таму каде што бил на почетокот,
„Сите докази се на база на претпоставки. ЈО нема отидено подалеку во однос на првичните претпоставки. Викаат имало дистрибутер. Па нормално е да има дистрибутер. Вие сега и лекови набавувате преку дистрибутери. Која е гаранцијата дека би била поефтина цената ако се одело директно со проиводителот, кога и така не е наведена цената“, вели професорот.
Според Калајџиев, нема логика да се тврди дека е предизвикана некаква материјална штета, а да не може да се наведе кој имал противправна имотна корист и колкава била таа.
За него е апсурдно да се претпоставува дека Сашо Мијалков или кој било друг функционер би сакал да направи штета на инситуцијата која што ја води без да има некаква корист. Тоа би значело дека самиот си ставал крај на политичката кариера.
Ваквиот начин на конструирање на предметите, Калајџиев го толкува како обид на обвинителството да протне некаква формулација, за да обезбеди полесен пристап до осудителна пресуда без утврдени дејствија на извршување. (Плусинфо)







