Уапсените во вчерашната акција „Двојник“ поврзана со издавањето „пасоши за мафијаши“, подолг период биле следени, со цел преку ПИ-мерки целосно да бидат документирани делата за кои се товарат, но и за да се откријат и други учесници во криминалната мрежа, некои и надвор од земјава.
Осомничените во критичниот период покажале и многу знаци дека финансиски не егзистираат само од платата во МВР: возеле скапи и луксузни автомобили, купувале недвижен имот...дознава Дојче веле од извори во истрагата.
Меѓу уапсени има жени и мажи, Македонци, Албанци и Бошњаци, коикако вработени во Управните служби на МВР во Скопје, ја злоупотребиле службената положба и подолг период издавале патни исправи под друго име. Еден осомничен, кој не работи во МВР е во бегство.
„Случајот во моментов е обвиткан со контроверзи кои создаваат забуна во јавноста.
Прашањето поврзано со оваа афера е: Дали ВМРО-ДПМНЕ „ја саботирала акцијата“ како што изјави вчера министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, или како што смета опозицијата – надлежните немало да се разбудат од зимскиот сон ако тие не проговориле за детали од аферата „Мафија“, добиени од свиркачи.
Второ, кога почнала истрагата за овој случај? Според министерот Спасовски, истрагата започнала на 20-ти февруари 2019 година, што значи дека траела нешто повеќе од две години. Од друга страна, Наќе Чулев, која стана технички министер за внатрешни работи на трети јануари 2020 година, на Фејсбук објави дека министерот Оливер Спасовски имал „речиси цели четири години за да ја заврши истрагата“, со што имплицира дека таа била започната многу порано.
Трето, кој ја водел истрагата? Според извори на ДВ, случајот бил воден од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, но наводно на 10-ти декември 2020 бил „отстапен“ на Основното јавно обвинителство-Скопје. Зошто?
Четврто, во кој период биле незаконски издадени 215 патни исправи?
Од МВР велат дека во интерс на истрагата која е од поширок обем (и во други земји) детали за сите прашања ќе објават наскоро…“пишува Дојче веле.






