Македонија му пресуди и на Каракачанов, како на Каменос

Вежбањето национализам врз Македонија му се удри од глава и на лидерот на ВМРО-Бугарско национално движење, Красимир Каракачанов, како претходно на Панос Каменос од Независни Грци кај јужниот македонски сосед.



Според 98,93 проценти од преброените гласови од вчерашните парламентарни избори во Бугарија, партијата на досегашниот вицепремиер и министер за одбрана освои само 3,65 проценти и извесно е дека нема да го помине долниот праг од 4 отсто за влез во Собранието.

Од 12 пратеници во досегашниот парламентарен состав, „војводата“, кој заедно со заменик-претседателот на партијата и европратеник Ангел Џамбаски не ја вадат од уста Македонија, бомбардирајќи ја со агресивни пораки, сега ќе дејствува како вонпарламентарна опозиција.

Маргинализацијата на политичката сцена на Каракачанов неодоливо потсетува на примерот со Каменос. Токму неговите 10 пратеници ѝ обезбедуваа мнозинство на Владата на Алексис Ципрас и СИРИЗА, а самиот Каменос исто така беше вицепремиер и министер за одбрана. И тој не штедеше отворени закани кон Македонија, па дури и си даде оставка од министерската функција и проба да ја урне Владата на Ципрас поради Преспанскиот договор, но дисидентите од неговата партија ѝ изгласаа доверба. Неговата партија Независни Грци, која на своите први избори во 2012 година освои дури 33 места во Парламентот, на последните избори во 2019 година не ни учествуваше!