Димитров бара одговорност од институција што ја води ДУИ

Вицепремиерот за Европски интеграции случајно прочитал за животната драма во која по 5 часовна битка во планина над Кратово е спасен човечки живот и бара одговорност од надлежните институции.



Во случајов се работи за надлежност на Дирекцијата за заштита и спасување што ја води кадар на ДУИ од кој практично Димитров бара одговорност.

Димитров е шокиран од прочитаното и инсистира на одговорност и создавање систем.

Дали ќе опстане на барањето одговорност ќе видиме наредниве денови.

Во продолжение целиот пост на Димитров кој предходно како министер а сега како како вицепремиер во владата има(л) ингеренции да предлага законски измени и решенија со кои во сите сфери може да се утврди одговорност и да се создаде подобар систем:

Сосем случајно го прочитав постот на Павле Зафиров, една неверојатно трогателна приказна за пожртвуваност, човечност и професионалност испреплетена со сведоштва за нефункционалност на институциите и непреземање на одговорност.

Зафиров како доктор сведочи за повеќечасовна битка да се спаси човечки живот, да му се помогне на повреден овчар во завеан планински предел крај Кратово, битка во којашто повиканите институции не се одзвале да помогнат.
Според ова сведоштво, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, Противпожарната единица не можела да помогне, Општината не била достапна, оставајќи го овој млад лекар заедно со медицински техничар и шофер и неколку роднини на повредениот (вклучително неговата 90 годишна мајка) 5 часа на раце да го носат овчарот во импровизирано носило низ козји патеки.

Фрапиран сум од оваа ноншалантна демонстрација на префрлање на одговорност. Мислам дека во државава треба да се забрани фразата: не сме надлежни.

Јас како носител на јавна должност, јас како граѓанин, јас како човек… јас самиот чувствувам одговорност за оваа поразителна слика.
Ова не смее да биде сликата за нашата Македонија.

Сите директно повикани, но и сите ние како јавни функционери, сме должни да притискаме и да се бориме за како што и самиот Зафиров вели – да се постават правила, принципи и стандарди.
Итно е потребна ревизија на процедурите во вакви случаи, строго делегирање на надлежности и се разбира одговорност.
Правилото мора да биде како да се реши проблемот, наместо како да се најде оправдување за да не се делува.

Капа долу за пожртвуваноста, професионалноста и неверојатната големина на човечката душа што овие луѓе ја покажале во време кога токму солидарноста и емпатијата се на најсилен тест.

За што бара Димитров одговорност

Пет часа на раце носеле пациент од планинско место, оставени сами на себе од институциите!