Според првичните податоци, партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, ГЕРБ, е победник на денешните парламентарни избори во Бугарија со освоени 25,7 проценти од гласовите.
Опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП) е на второто место со 17,6%, а многу блиску до неа е формацијата на шоуменот и ТВ-водител Слави Трифонов „Има таков народ“ која освои 15,2 отсто, покажуваат податоците на агенцијата „Алфа рисрч“, според која во новиот бугарски парламент влегуваат седум партии, јави дописникот на МИА од Софија.
Другите партии кои влегуваат во новиот бугарски парламент се Движењето за права и слободи со 11,0 проценти освоени гласови, Демократска Бугарија на поранешниот министер за правда Христо Иванов со 10,4 отсто, „Исправи се! Мутри надвор!“ на поранешната правобранителка на земјата Маја Манолова освои 4,2 проценти.
Партијата на Красимир Каракачанов ВМРО според првичните резултати влегува во парламентот со 4,0 отсто од гласовите на избирачите.
Има многу сериозен одлив од владејачката партија во Бугарија ГЕРБ и од најголемата опозициска сила во земјата досега БСП, скоро 700.000 гласачи, покажуваат социолошките анализи по завршувањето на парламентарните избори во Бугарија.
Лидерката на „Исправи се! Бандитите надвор!“ Маја Манолова е категорична дека изборните резултати покажуваат победа на вонпарламентарната опозиција, формирана за време на протестите во Бугарија минатото лето.






