Руското Министерство за надворешни работи го осуди приклучувањето на Македонија кон најновите санкции од Европската унија за Русија поради случајот со опозиционерот Алексеј Навални, предупредувајќи ја дека ризикува да ги влоши односите со Москва.
„Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и за безбедност Жозеп Борел на 30 март годинава објави за пристапување на голем број држави што не се членки на ЕУ во следните антируски санкции на Европската унија, измислени во Брисел врз основа на т.н. ‘случај со А. Навални’. Забележливо е дека меѓу земјите, чие непријателско однесување одамна не изненадува, фигурираат и Северна Македонија, и Црна Гора. И Скопје, и од неодамна Подгорица, нè уверуваат во желбата за развивање и за зајакнување нормални односи со Русија, а во црногорскиот случај за нивно обновување по повеќегодишниот период на деградација. Зборуваат за подготвеноста да се погрижат за создавање на потребните услови за ова. Попатно се обидуваат некако да ги објаснат причините зошто порано ‘морале’ да го следат русофобскиот западен курс. Во исто време, тие се повикуваат на наводниот императив на апликантите за членство во Европската унија да ги следат нејзините надворешно-политички одлуки и упатства. Со други зборови, механички ги поддржуваат чекорите во чиј развој не учествувале“, рече портпаролката на МНР на Русија, Марија Захарова, на брифингот со новинарите.
„Внимателно ги следиме обидите на северномакедонските и на црногорските партнери да ја утврдат нивната политика во однос на Русија. За жал, т.н.’солидарност со санкциите’ што ја покажаа Скопје и Подгорица уште еднаш ја открива недоследноста и зависноста на нашите балкански колеги. Ние сме секогаш отворени за искрен, рамноправен дијалог заснован на меѓусебно почитување и заемно разгледување на интересите. За возврат, потрошувачкиот пристап и незгодното маневрирање во решавањето опортунистички проблеми во корист на ‘сојузот’ со трети земји само ја поткопуваат довербата и секако не го стимулираат развојот на билатералните односи со Русија“, додаде Захарова.






