Фудбалската репрезентација на Македонија ја забележа највредната победа во својата историја, совладувајќи го четирикратниот светски шампион Германија со 2:1 во Дуизбург во мундијалските квалификации.
Правдата победи на „МСН-арената“, бидејќи при 1:1 рускиот судија Сергеј Карасев не досуди чист пенал за гостите по играњето со рака на Џан во петерецот, за да ја запечати Елиф Елмас со победничкиот гол во 85. минута.
Капитенот Горан Пандев го отвори резултатот во судиското надополнување на првото полувреме, а израмни Илкај Ѓундоган во 63. минута од пенал, кој Карасев го „виде“ по стартот на Алиоски врз Сане.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски по три одиграни кола во групата Ј од квалификациите за СП 2022 во Катар се втори со 6 бода, колку што имаат и Германците, а води Ерменија со 9 по триумфот над Романија од 3:2.





