Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов со недипломатска реакција за извештајот на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права во Бугарија, со акцент на македонското малцинство.
„Тие ја гледаат Бугарија како Занзибар, не ги знаат проблемите и пишуваат туку-така. Да ги прашам овие ‘убавеци’ во Стејт департментот на САД какво е тоа македонско малцинство – тие гледаат некакви извештаи од соросоидни организации и од грантирани невладини организации, кои се хранат за да плукаат по Бугарија“, вели Каракачанов во интервју за бугарската Пик ТВ.
„Шизофренијата на американски службеник да ја принудува Бугарија да признае такви работи е неприфатлива“, додава тој.
„Кои се ‘ОМО Илинден’ – сите се на плата во Скопје. Тоа е платено ‘малцинство’, кое нè тераат да го признаеме“, додаде лидерот на ВМРО-БНД.
„Какви репресирани Македонци има во Бугарија?! Некои пишуваат извештаи – нека пишуваат што сакаат. Нека воведат тексашко малцинство и аризонско малцинство. Но, политиката таму е да се интегрираат сите и да бидат Американци. Од каде на каде тие си ја зајакнуваат својата државност, а ние да ја разбиваме?“, прашува Каракачанов.






