Откако шефот на државата Стево Пендаровски и министерот Венко Филипче разменија меѓусебни обвинувања околу тоа кој е виновен што доцнат вакцини во Македонија и дали вакцинирањето на илјадници наши граѓани во Србија било „срам за државата“ (Пендаровски) или солидарност (Филипче) со свој коментар реагираше премиерот Зоран Заев.



„Нападот на претседателот е несоодветен. Не ни е лесно на никој во овие мигови, прашањето е што правиме во наоѓање на вакцини. За нас како влада е слободниот избор на граѓаните e најважен. Дaли ќе оди да прими вакцина во друга држава, државата нема да учествува во изборот на граѓаните. Но, нема да дава дозволи за движење на полициски час за да се прими вакцина во Србија.

Србија покажа огромен пријателски гест. Тие ги отворија граѓаните и рекоа дојдете да се вакцинирате. Денеска вакцинацијата е глобална проблематика и секоја помош е добродојдена. Може поединци да одат да се вакцинираат, но не може една цела институција.

Видовме родители на пратеници, може има и некој политичар, но тоа е индивидуално. Не како институција, не како држава. Верувам дека слободата е придобивка што граѓаните ја имаат. Порано беше мисловна именка да се изговори така. И сметам дека е здраво да имаме различни мислења и несогласувања, но тоа не значи дека двајцата не се почитуваат меѓусебно“, рече Заев.