Средбата одржана денеска во Драч беше посветена на регионалната соработка и акцискиот план за регионална економска зона кој беше договорен во јули на Самитот во Трст, Италија. Покрај домаќинот Еди Рама и Еврокоесарот Јоханес Хан, на состанокот присуствуваа и македонскиот премиер, Зоран Заев, премиерката на Србија Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ, црногорскиот премиер Душко Марковиќ и косовскиот премиер во заминување Иса Мустафа.
„Имаме акционен план од 115 точки во поглед на радикална трансформација во движењето на стоки, услуги, капитал и квалификувани работници за да го направиме регионот поатрактивен. За да го затвориме овој дел, ние навистина сме охрабрени од фактот дека постои целосен договор на политичко ниво“, изјави Јоханес Хан, Еврокомесар за проширување и соседска политика.

Основните цели се забрзан раст и соработка во фромирањето на заеднички пазар. Албанскиот домаќин Рама и Еврокомесарот Хан говореа за зголемениот обем на размена на стоки во последната деценија. Таа сега изнесува 46 милијарди евра, но постои простор за нејзино унапредување. Првенствено се размислува и дебатира за симнување на блокадите на царините и за укинување на роамингот.





