Министерството за надворешни работи извести дека преку македонската амбасада во Софија упатило протестна нота до МНР на Бугарија за скандалозното видео-обраќање на Фејсбук од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски насловено „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сè!“.
„Напоменуваме дека ваквите изјави не придонесуваат во напорите за продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу двете земји. Реторика во која се изразуваат територијални претензии кон соседите не доликува на земји-сојузнички во НАТО и земја-членка на Европската унија, што е директно и спротивна на идеалите и вредностите на Европската унија, на кои и двете земји силно се посветени“, се вели во соопштението на министерството на Бујар Османи.
Од МНР додаваат и дека ќе ги известат и соодветно ќе реагираат и до институциите на ЕУ за последниот истап на заменик-претседателот на ВМРО-БНД на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.






