Илјадници граѓани од Србија доаѓаат во Скопје за да погледнат прес-конференција на Филипче и Заев, јавуваат регионалните и светските агенции, во најновите сатирични вести од регионот.
Редици на граничниот премин Табановце – колони возила од Србија кон Македонија утринава ги шокираа граничарите.
Граѓани од сите краишта на Србија се упатија кон Македонија за да проследат прес-конференција на министерот Венко Филипче и премиерот Зоран Заев.
„Се сме виделе, ама ова се уште не сме го виделе“, коментираат возбудено граѓаните кои чекаат ред на границата помеѓу Србија и Македонија.
„Ни зборуваа дека имате посебни министри и премиер, но вакви примероци нема никаде во светот и мораме да ги погледнеме во живо“, коментираат расположените соседи упатени кон Македонија кои се подготвени да чекаат со денови за да ги видат природните Феномени како што има ретко во светот.
Граѓаните на Србија очекуваат да слушнат во живо на прес-конференција како ги имаме најдобрите протоколи, најдобриот здравствен систем, најдобрите и најмногу слободни кревети во светот, а воедно и да чујат за 2,5-те милиони вакцини кои сме ги набавиле.
„Со години следам Фарма, Задруга и други риалити шоу програми, но ова што го чув за македонската влада ме возбуди и едвај чекам да ја погледнам прес-конференцијата“, вели Урош од Јагодина кој во Скопје доаѓа заедно со целото семејство.
„Побаравме слободни денови од работа. Кога шефот слушна зошто бараме, прогласи вонреден одмор, изнајми автобус и ете го со нас, заедно одиме да ја погледнеме прес-конференцијата на Зоран и Венко“, велат вработените од една странска компанија во Србија која сакала првенствено да инвестира во Македонија, но не можела да најде слободна парцела да изгради претставништво бидејќи по доаѓањето на Заев на власт се изредија сите светски гиганти, од Гугл преку Фејсбук и сите останати кои вложија десетици милијарди во нашата земја.
Во меѓувреме, во Скопје има панично расположение помеѓу угостителите и хотелиерите. Се бара кревет плус, но ништо полесно не им е и на продавачите на техничка опрема кои не можат да постигнат со побарувачката на телевизори за да се проследи фамозната прес-конференција на водството на владата на Република Македонија.
„Одамна не сме се смееле до мокрење“, велат група студенти од Белград. „Како ни се погоди годинава, ретко кога имаше прилика да се изнасмее човек, а мора, мора да се смееме. Затоа доаѓаме кај вас, за одблиску да ја проследиме прес-конференцијата на премиерот и министерот за здравство. А можеби попат ќе начекаме и некое нивно интервју на тв, никогаш не се знае, се надеваме и на таква луда среќа“, велат тие.
(Оваа вест е сатирична односно не е вистинита иако некому може да му прозвучи како таква)






