Кога и Сашо ќе удри на Зоки – пишува Драган Милосављевиќ

Во текст со наслов: “Кога Орданоски ќе се провикне: Заев има проблем со граѓаните!”, водителот и новинар на емисијата “Заспиј ако можеш” на Алфа ТВ го анализира посочениот заклучок на новинарот Сашо Ордановски кој тврди дека Заев има проблем со граѓаните.



Текстот во целост:

Не е ова никаква шега. Шефот, Бројот Еден, неформалниот идеолог на СДСМ, Сашо Орданоски лично и персонално во партиското гласило, ЦИВИЛ.МК без нималку „увијање“ и кружење порача: Премиерот има проблем со граѓаните. Или да бидам попрецизен: Заев нема проблем во партијата, има проблем со граѓанството. Неопходно му е смирување, ако веќе не и помош, од овие што од трибините постојано го гаѓаат со кикирики и скандираат „За-ев-ел-џи-би-ти!“.

Да не се лажеме, ова не е некакво шашливо истресување на некој од првиот ешалон фанатични поддржувачи на владините политики. Не е ова Поликлинико, Тричко или Џабир.

Не е ниту исшутираниот од МИА, или колумна-паразитите од тајфата Ерол-Кате-Гоки. Не, господо, ова е Сашо Орданоски, човекот кој со години е задолжен да пронаоѓа какви годе убедливи причини за останување на власт на премиерот Заев и неговите сопартијци, а според кулоарските муабети всушност човекот кој реално и ја планира целата внатрешна и особено надворешна политика на друштвото од Бихаќка.

И мораме да се согласиме со него во двата заклучоци. Имено, факт е дека Зоран Заев нема проблем во партијата. Речиси 60 илјади партиски членови му дадоа поддршка да остане лидер на СДСМ. Дали е во прашање клиентелизам, дали притисоци, страв или просто верба во неговата генијална предодреденост за водач е помалку важно. Членството на СДСМ, десетици илјади луѓе сакаат тој да им остане шеф и молам убаво.

Но вториот дел од мислата на Орданоски е уште поточен. Заев има проблем со граѓанството! Тоа се милион и 600 илјади граѓани на Македонија најмалку. И затоа му треба помош, која е подготвен да ја бара дури и од лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Ама и ова не е целата мака.

Во истата колумна современиот Алфред Розенберг го вели и следново: Заев во моментов лично е застанат зад неколку високи функционери од кои добар дел од јавноста очекува одговорност и оставки; незадоволството од катастрофата со вакцините е толку опипливо, што може „да се сече со нож“; економијата е на „стаклени нозе“, без разлика на објективните причини за тоа…

Вакво отворено, јасно, конкретно, чисто делегитимирање на политиките на премиерот досега не е видено од ниту еден поддржувач на власта или лажно неутрален играч на јавната сцена во Македонија. Особено не од човек со такво персонално портфолио како она на Орданоски.

Вели дека премиерот јавно поддржува луѓе кои одамна требало да летаат, ама поради блискоста со истиот си стојат на место. И тоа какво добро место. Незадоволстто од катастрофата со вакцините можело со „нож да се сече“.

Жива вистина.

Мислам дека критички расположената јавност дури и ќе му се подналути на Орданоски за ваквата прецизност во толкувањето на народните и граѓанските чувства кога е во прашање дебаклот на власта во борбата со пандемијата на Ковид 19.

И тоа во момент кога премиерот најсериозно ни вели дека „сме биле во предност“ со тоа што доцниме со вакцинирањето! А тоа дека економијата е на стаклени нозе, тука веќе не се согласувам сосем со Орданоски, економијата веќе нема нозе, искршени и се, но ајде да не се фаќаме за ситници и за естетика на изразот.

Само, чисто за крај да го споменеме и овој заклучок на могулот: Граѓанството е незадоволно, загрижено, уплашено… И не гледа помош од трибините. Овие што го мразат Заев (нивниот број расте), никако не го сакаат Мицкоски (нивниот број е стабилен и секогаш поголем од оние кои не го сакаат Заев).

Има нешто што некому не му е јасно?

Кога од колумната на Орданоски ќе ги извадите редовните „мисли“ и „наравоученија“ поврзани со „кризата во ВМРО-ДПМНЕ“, „неспособноста на Мицкоски“ и „криминалот кој нема поддршка од странците“, кога значи ќе се ослободите од баластот кој писателот едноставно мора да го повторува во сите свои текстови, (тој си знае зошто), останува соголената вистина сведена на оние неколку реченици кои ги цитирав погоре.

Ништо повеќе и ништо помалку од тоа. Само вистината, која боли и која лекува.